Бошњаците во Македонија основаа нова политичка партија

May 1, 2018

„Ќе се бориме за правата на бошњачката заедница, подготвени да учиме и прифаќаме од поучените и подобрите. Бошњаците се автохтон народ на кого мора да му бидат обезбедени сите колективни и индивидуални права", рече Колашинац.

СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје се одржа основачко собрание по повод формирање на политичката партија „Бошњачки демократски сојуз”, јавува Anadolu Agency (AA).На Основачкото собрание беа присутни 99 делегати, Бошњаци, од различни делови на Македонија, кои едногласно го избраа Мунир Колашинац за претседател на овој нов политички субјект во државата. Во своето обраќање пред делегатите и јавноста, Колашинац рече дека, уважувајќи ги разликите во општеството, почитувајќи ја традицијата, слободата и обврските пред општеството и поединецот, Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) ќе се залага за вистината и правдата, не загрозувајќи никого.„Ќе се бориме за правата на бошњачката заедница, подготвени да учиме и прифаќаме од поучените и подобрите. Бошњаците се автохтон народ на кого мора да му бидат обезбедени сите колективни и индивидуални права. Бошњаците, како и сите други народи, имаат право на уставна еднаквост пред државата, како и негување и зачувување на културата преку државните и другите институции“, рече Колашинац.Тој истакна дека новата бошњачка партија во Македонија ќе се бори за полна имплементација на образованието на Бошњаците, како и за зачувување на културното, материјалното и нематеријалното наследство на Бошњаците и на сите народи и заедници што живеат на подрачјето на Република Македонија.„Нашата национална и верска традиција претставува силен ресурс за афирмација на културата и дијалогот. Мораме да покажеме сила и умешност на меѓусебен дијалог за сите важни теми и прашања, особено околу клучните национални и државни интереси“, порача Колашинац пред присутните.Инаку, Бошњаците се уставно призната етничка заедница во Македонија. Според Пописот на населението во 2002 година, на територијата на Македонија живеат околу 17.018 Бошњаци или околу 0,84% од вкупното население во државата.

 

 

Споделете на Facebook
Споделете на Twitter
Please reload